Германската Социјалдемократска партија е во шок среде кампањата за изборите за Бундестагот. Поранешниот шеф на партијата и канцелар, Герхард Шредер, би можел да почне да работи во Москва за нафтениот концерн „Роснефт“, објави Дојче веле.
Информациите се дека Шредер на крајот на септември би можел да биде избран во Надзорниот одбор на рускиот нафтен концерн Роснефт.
Роснефт од анексијата на Крим во 2014 година се наоѓа на листата на санкции на ЕУ. Официјална потврда за овие информации уште нема.
Шредер, од 2005 година се ангажира заизградба на гасоводот „Северен тек“, кој од Русија директно води во Германија. Неговиот ангажман, кусо откако не беше реизбран за канцелар, ги разбранува духовите во Германија.
По соопштението на концернот Роснефт, почнаа да пристигнуваат критики.
„Тоа е бесрамно“, го оцени однесувањето на Шредер поранешниот шеф на партијата на Зелените, Рајнхард Битикофер, сега пратеник во Европскиот парламент.
Веста за можното ново работно место на Шредер во Москва дополнително ја отежнува работата на кандидатот за канцелар Мартин Шулц, во кампањата за претстојните избори во Германија.
Во СПД се, како што велат, „иритирани“ поради тоа што на 73 годишниот Шредер очигледно не му е доволна неговата канцеларска пензија. „Се мачиме да излеземе на крај со компликуваната изборна кампања, а Шредер нѐ напаѓа од зад грб“, е мнозинското мислење кое владее во СПД.




