Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) со две новини во играта што наскоро ќе стапат на сила. Произлегоа од состанокот на Извршниот одбор и за почеток ќе бидат применети на завршните континентални турнири за млади категории во двете конкуренции.
Првата се однесува на воведување на право на четврта замена во случај натпреварите да одат во продолженија. Ваквата одлука на УЕФА, во основа, се образложува со зачувување на здравјето на фудбалерите.
Со втората, пак, судиите ќе можат да доделуваат жолти картони за тренерите и нивните асистенти во стручните штабови.
Двете правила ќе бидат ставени во функција на четирите претстојни настани во организација на УЕФА. Тоа се женското Европско првенство, потоа Европското првенство за играчи до 21 година во Полска на кое ќе учествува и Македонија, и завршните турнири во У19 во машка и женска конкуренција.