Украинските државјани кои од денеска ќе влегуваат во Северна Македонија со своите возила не треба да покажат задолжителен зелен картон за патување.

Ова го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој посочи дека по препорака на Владата, одлуката во Националното биро за осигурување била донесена во текот на вчерашниот ден.

Спасовски смирува дека во моментов нема притисок од украински бегалци во Северна Македонија, но вели оти тоа може да се случи во секој момент, а земјава мора да подаде рака за нивно прифаќање.

„Овие 50-тина украински државјани кои се пријавени дека дошле во Северна Македонија, тоа се главно сопружници на наши државјани, како и лица кои имаат роднини и пријатели во земјава“, рече Спасовски.

Во одговор на новинарско прашање, Спасовски рече дека состојбата во земјава е мирна и оти нема никакви индикации за нарушување на безбедносната состојба.

(Б.Б.)