Украински беспилотни летала погодија повеќе индустриски објекти во градот Рјазањ, во централниот дел на Русија, додека најголемиот руски онлајн-трговец „Вајлдберис“ го евакуираше својот магацин во градот, соопштија денеска локалните власти и компанијата.
Во изминатите неколку дена со дронови биле оштетени најмалку седум магацини на „Вајлдберис“, со што бил уништен околу 10 отсто од капацитетот за складирање на компанијата.
Гувернерот на Рјазањската Област, Павел Малков, објави на „Телеграм“ дека избувнале пожари во индустриски објекти и дека шестмина побарале лекарска помош.
Тој не соопшти повеќе детали за погодените објекти во областа, каде што се наоѓаат неколку големи индустриски комплекси, меѓу кои рафинерија за нафта и логистички центар.
Во одделен напад, една жена загина, а еден маж беше повреден откако остатоци од ракета погодија станбена зграда во јужниот руски град Таганрог, на Азовското Море, соопшти регионалниот гувернер Јуриј Сљусар. Во градот се наоѓаат повеќе индустриски објекти и терминал за жито.
Во украинскиот град Херсон, пак, еден маж загина, а уште тројца беа повредени во руски напад со дрон, соопштија локалните власти на „Телеграм“.
Во напади со украински беспилотни летала вчера загинаа тројца во руската Белгородска Област, а уште 19 беа повредени при напад врз автобус, објави „Ројтерс“.
Регионалните власти соопштија дека двајца загинале при напад со дрон врз деловен објект, во село во близина на границата. Уште еден човек загинал во напад врз град во близина на регионалниот центар Белгород.
Автобусот бил нападнат во градот Шебекино, во близина на украинската граница, а сите повредени, освен еден човек, биле пренесени во болница.
Москва ја обвинува Украина дека систематски напаѓа автобуси во различни руски региони.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека најновиот напад покажува оти Украина „со манијакална упорност“ го напаѓа јавниот превоз и „им се одмаздува на обичните луѓе поради сè поголемите неуспеси на фронтот“.
Властите поставени од Русија во окупираните делови на источниот украински регион Донецк соопштија дека во вторникот петмина биле повредени во, како што тврдат, украински напад со дрон врз автобус.
Руските власти ја обвинија Украина и за нападот од минатиот месец врз автобус што превезувал деца од Белорусија кон одморалиште. Во нападот загина една жена, а шест деца беа повредени.




