Проруските сепаратистички сили во регионот на Доњецк негираат дека употребиле хемиско оружје во Мариупол, јавија руските медиуми.

Командантот на сепаратистите, Едуард Башурин изјави дека не употребиле хемиски агенси и покрај тврдењата на украинските власти дека руските сили извршиле хемиски напад.

Заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Маљар претходно изјави дека Киев ги проверува информациите дека Русија можеби употребила хемиско оружје при нападите врз Мариупол.

„Постои теорија дека тоа би можело да биде фосфорна муниција“, истакна Маљар.

Велика Британија се обидува да ги потврди наводите дека руските сили употребиле хемиско оружје во нападот на украинскиот стратешки пристаништен град Мариупол, што е под опсада повеќе од еден месец, соопшти синоќа британското Министерство за надворешни работи.

„Информациите укажуваат дека руските сили можеби употребиле хемиски агенси во нападот врз жителите на Мариупол. Работиме итно со нашите партнери за да ја потврдиме оваа информација“, твитна британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас.

Таа додаде дека секоја употреба на овој вид оружје „би претставувала брутална ескалација во конфликтот и ќе го повикаме (рускиот претседател Владимир) Путин на одговорност“.

Украинската пратеничка Ивана Климпуш вчера изјави дека Русија употребила „непозната супстанца“ во Мариупол, што предизвикало респираторни проблеми кај населението.

„Најверојатно е хемиско оружје“, објави Климпуш на Твитер.

Заменик градоначалникот на Мариупол, Петро Андрјушенко на Телеграм објави дека хемиските напади не се потврдени.