Украинскиот парламент изгласа воведување на вонредна состојба што од полноќ ќе важи на целата територија на земјата, освен во сепаратистичките региони Доњецк и Луганск во кои на сила е посебен правен режим од 2018 година.
Вонредната состојба е воведена за период од 30 дена, а доколку биде потребно ќе биде продолжена за уште 30.
Прв чекор, како што вчера навести украинскиот претседател Володомир Зеленски во обраќањето до нацијата, е повикот на Украина до резервистите.
Со работа ќе почнат и регионални комисии со претставници на државната и на локалните власти кои, во зависност од натамошниот развој на ситуацијата, ќе одлучуваат за неопходни мерки за безбедност.
Властите денеска во повеќе наврати нагласија дека воведување на вонредна состојба во никој случај нема да влијае врз животот на граѓаните. Во текот на денот се огласи и украинскиот премиер Денис Шмигаљ кој на социјалната мрежа Телеграм напиша дека вонредната состојба, пред сè, треба да овозможи подобро контролирање на ситуацијата од војската и од полицијата.
Вонредната состојба ќе нѝ овозможи да бидеме подготвени за брз одговор на предизвиците и да се подготвиме за сите можни сценарија, напиша Шмигаљ на Телеграм.
Службите за безбедност на Украина, во меѓувреме, соопштија дека ситуацијата во која се наоѓа нивната држава бара единство, смиреност и одлучност.
Воведувањето на вонредна состојба не значи дека животот на граѓаните ќе стане потежок. Впрочем, секој регион е во различна безбедносна ситуација, соопштија од таму.
Што предвидува Уредбата за воведување на вонредна состојба во Украина?
- Ограничување на движењето и контрола на возилата
- Засилена заштита на објекти од витално значење
- Забрана за одржување на собири, митинзи, демонстрации, спортски и други јавни настани
- Воведување на полициски час
- Проверка на документи на граѓаните, во исклучителни ситуации и претрес на лица, на возила, товар и простории
- Ограничување на продажбата на оружје и алкохолни пијалоци
- Одземање на регистрирано огнено оружје и муниција
- Регулација на цивилната телевизиска и радио програма
Дали ќе биде воведен полициски час?
Полициски час во Украина ќе биде воведен само по потребни во одредени региони, односно во случај на засилена руска агресија.
„Во зависност од ситуацијата, штабот на одредена територија може да донесе одлуки. Уште еднаш нагласуваме, само ако биде неопходно. Наша обврска е обезбедиме сигурност на граѓаните“, се вели во соопштението на властите.




