Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите Нации (ОН) поради заканата од Русија кон неговата земја.
Тој на Твитер напиша дека најмоќното тело на ОН треба да се состане „за да разговара за итни дејствија насочени кон деескалација, како и практични чекори за гарантирање на безбедноста на Украина“.
Официјално побарав од земјите-членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации веднаш да одржат консултации според член 6 од Меморандумот од Будимпешта за безбедносни гаранции за да разговараат за итни дејства насочени кон деескалација, како и практични чекори за гарантирање на безбедноста на Украина, напиша тој на Твитер.
Во друга објава на Твитер тој потенцира дека не само Украина, туку целиот свет внимателно ги следи дејствијата на Русија во однос на признавањето на т.н. ЛНР/ДНР ( т.н. Доњецка Народна Република и т.н. Луганска Народна Република кои не се признаени од ниту една членка на ОН).
Сите ги сфаќаат последиците. Има многу емоции, но токму сега сите треба мирно да се фокусираме на напорите за деескалација. Нема друг начин, апелира шефот на украинската дипломатија.
Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека одлуката за признавање на сепаратистичките региони во Украина ќе биде донесена денеска.
Евентуалното признавање на независноста на Луганск и Доњецк, според американските медиуми, би бил потег што ќе ги засили тензиите со Западот поради стравувањата дека Кремљ би можел веднаш да почне инвазија на Украина.
Водачите на сепаратистичките региони денеска апелираа до Путин да ги признае како независни држави и да потпише договори за пријателство кои предвидуваат воена помош за да ги заштитат од, како што ја опишаа, тековната украинска воена офанзива. Долниот дом на рускиот парламент изнесе слично барање минатата недела.




