Украинската војска потврди дека руски падобранци слетале во Харков во обид да го заземат опколениот град, јави „Би-Би-Си“.
Според украинската војска, нападот во Харков започнал токму во моментот кога се огласиле сирените за опасност од воздух во градот и околниот регион.
Во соопштението се додава дека „руските војници нападнале регионална воена болница и дека во тек се борби“.
Харков беше епицентар на голем дел од насилството што се забележа во Украина во последните денови и беше цел на гранатирање.
Вчера проектил го погоди седиштето на локалната власт на вториот по големина град во Украина околу 8 часот по локално време. Друг напад се случи подоцна во текот на вчерашниот ден во една од станбените населби во Харков.
Украинскиот претседател Зеленски го нарече нападот дека е претставува воено злосторство.
Најмалку 17 лица загинаа вчера во Харков, а десетици се ранети, според официјални лица од Службите за вонредни состојби.
„Некои експерти шпекулираат дека артилериските напади врз станбените населби би можеле да бидат обид на Русија да ја ослабне решеноста на Украина за борба“, посочува „Би-Би-Си“.




