Украинскиот премиер Володомир Хројсман и министерот за одбрана Степан Полторак поднесоа оставки. Премиерот изјавил дека донел одлука да се повлече од функцијата по владината седница која ќе се одржи в среда. Тој сепак ќе остане вршител на функцијата се додека не се формира новата влада по претстојните избори.
До оставката на министерот за одбрана Полторак дојде откако при инагуративниот говор, новиот претседател Владимир Зеленски побара од пратениците да ги сменат министерот за одбрана, шефот на украинската служба за безбедност и јавниот обвинител, кои се поддржувачи на поранешниот претседател Петро Порошенко.
„Ми беше чест“, напиша Полторак на Твитер.
Володимир Зеленски (41), откако денеска во Врховната рада во Киев положи заклетва на почетокот на петгодишниот мандат за претседател на Украина, веднаш го распушти Парламентот и побара предвремени избори.
Распуштањето на Парламентот беше едно од ветувањата во неговата претседателска кампања, со оглед на тоа што таа институција ја окарактеризира како „група луѓе заинтересирани само за богатење“.
Пред да го распушти Парламентот, Зеленски во обраќањето побара од пратениците да усвојат закон против незаконско богатење и да го поддржат неговиот предлог да бидат сменети министерот за одбрана, шефот на украинската служба за безбедност и јавниот обвинител.




