На 26.октомври, четврток, во Музејот на Современа Уметност со почеток од 19 часот ќе се одржи предавање на тема „Уметникот како инспирација“ на Челзи Петит.

Предавањето „Уметникот како инспирација“ се однесува на мисијата на Wysing центарот за современа уметност, која ги препознава уметниците како двигатели на современото општеството, како и на посветеноста на центарот за обезбедување време и простор што се потребни за уметниците да можат да направат увид во нивната пракса и улога во поширокиот уметнички меѓународен контекст.

Таа ќе се осврне на тековниот уметнички сектор во Велика Британија кој повеќе од кога и да е се стреми да ги поддржи уметниците со разновидно потекло и во различнен развој во нивната кариера, да развијат можност за споделување на нивните идеи и истражувања и пошироко.

Акцентот е ставен на стратегии на експериментирање и преземање ризици, како и создавање на мрежи за поддршка преку воспоставување на национални и меѓународни партнерства и соработки што придонесуваат кон создавање на иновативна и експериментална уметност.

Челзи Петит, исто така, ќе ја претстави платформата Arts in Conversation.com што таа ја развила со намера да поттикне интеркултурен и интердисциплинарен разговор помеѓу уметниците и други чинители во процесите на културно истражување.

Петит на покана на Проектниот простор Прес ту Егзит во Музејот на Современа Уметност во Скопје ќе одржи предавање за пошироката публика и ќе има можност да се запознае со креативната сцена во градот.

Инаку нејзиното гостување е прво во серијата на предавања и презентации кои МСУ ги предвидува за наредниот период и кои имаат за цел да придонесат кон развојот на дискурзивната и критичка мисла во контекст на современата уметност, кураторството и теоријата.

Челзи Петит е раководител на партнерските програми во Wysing Arts Center, близу Кембриџ. Таа работи на неколку проекти вклучувајќи го и проектот New Geographies проект од програмата Источна модерна визуелна уметност (ECVAN), кој се состои од десет нови пограноци низ Источна Англија, како и програмата Силабус, едногодишна алтернативна едукативна програма за уметници во партнерство со шест институции низ цела Англија.

Родена е во Калифорнија, а по едно годишен престој во Пекинг во 2006 година, Челзи во Велика Британија студира уметност и антропологија на Goldsmith’s College во Лондон.

Работела во галеријата Hayward и во Hayward Touring, каде што курирала и организирала низа изложби низ Велика Британија, вклучително и изложбите, на Mарк Лики, „The Universal Addressability of Dumb Things“ (2013), „A Universal Archive: William Kentridge as Printmaker’“ (2012-2014) и групни изложби како „Move: Choreographing You“ во Кореjа и Германија и „British Art Show 8“ во соработка со осум институции во Велика Британија.

Во 2014. таа е добитник на Jonathan Ruffer Curatorial Grant доделен од Art Fund со намера да ја истражи современата уметничка сцена во Тајван, а од скоро таа започна да работи на независниот проект Arts in Conversation.

Уметничкиот центар Wysing пак, се наоѓа во близина на Кембриџ, Велика Британија. Центарот развива низа програми за уметничко истражување, експериментирање, и производство, вклучувајќи уметнички резиденции, изложбени програми, јавни настани и едукативни програми.

Мисијата на центарот е обезбедување простор, поддршка и финансии што ќе им овозможат на различни профили на уметници да ги развиваат своите идеи. Центарот продуцира јавни програми што се однесуваат на широк спектар на интереси и можности за пристап до современата уметност.