Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто предложи глобален систем на квоти за бегалците кои доаѓаат во Европа. Таквата идеја, вели Сијарто, Унгарија ќе ја промовира на состанокот на министри на самитот на ОН.
Според унгарскиот министер оваа идеја има смисла бидејќи бегалците ќе бидат сместени и во земји кои тој смета дека имаат директно учество во нестабилноста во Сирија и околината.
– Луѓето бегаат од земјите кои станаа нестабилни поради меѓународните политички одлуки кои не ги направи само Европа туку и големите играчи. Најмалку од целата криза треба да легне на грбот на Европа, изјави Сијарто.
Тој потенцираше дека Унгарија не се противи на распределбата на бегалци во Европската унија, туку на начинот.
Сијарто вели сите земји од Европската унија треба заеднички да финансираат проект преку кој европските сили ќе се групираат во Грција, првата земја каде што влегуваат мигрантите, а потоа финансиска помош треба да им се даде и на Турција, на Либан и на Јордан за да згрижат милиони бегалци.
Ваквата идеја, смета тој, е прифатлива бидејќи на бегалците треба да им се обезбеди престој близок до нивниот дом, за да се вратат дома веднаш откако работите ќе се стабилизираат.




