Унгарските власти ја разгледуваат можноста за да постават порта на железничката пруга која води од српска Суботица до унгарски Сегедин, пренесува телевизија М1. Оваа релација е патот преку кој бегалците нелегално ја поминуваат границата, бидејќи на неа нема бодликава жица, пишува Танјуг.
Откако синоќа беше затворен патниот правец од Реске до Сегедин поради група белгалци која тргнала пеш, сега сообраќајот е нормализиран.
Во Суботица бегалците и понатаму пристигнуваат со редовните и вонредните автобуси од Белград, а како што пренесуваат српските медиуми, во Суботица се забележувале се поголем број на такси возила со белградски регистарски таблички.
Изминатиов ден полицијата настојувала на бегалците да им објасни дека треба да се регистрираат по пристигнувањето во Унгарија, а тие извикувале „Не сакаме камп“, и „Будимпешта, Будимпешта“.
Од унгарската полиција соопштија дека уапсиле двајца, кои според полицијата, манипулирале со емоциите на бегалците и не ги почитувале наредбите.
Во однос на употребата на солзавец, од полицијата објаснуваат дека го користеле затоа што бегалците кон нив фрлале со пластични шишиња.
Во текот на вчерашниот ден, во Унгарија беа регистрирани нови 2.770 илегални премини на границата, а полицијата поднела пријава против 18 луѓе за криумчарење или фалсификување на документи.
На пограничната територија помеѓу Жупанија и Чонград, регистрирани се 455 деца меѓу бегалците.




