Унгарскиот парламент вечерва усвои закон со кој се одобрува затворање на сите баратели на азил кои ќе дојдат во Унгарија.

Оваа мерка постоеше во Унгарија но беше укината во 2013 година на инсистирање на ЕУ и Обединетите Нации.

Законот вечерва беше усвоен со 138 гласа за и само 6 против и 22 воздржани. Текстот предвидува дека сите мигранти ќе бидат сместувани во “транзитни зони” на границите со Србија и Хрватска. Таму затворени тие ќе ја чекаат одлуката за нивното барање за азил а можат да го напуштат местото каде што се затворени доколку сакаат да се вратат во земјата од која влегле во Унгарија.

“Ние сме во вонредна состојба. Миграторната бура не е завршена, таа само привремено паузира “, изјави вечерва премиерот Виктор Орбан за време на една церемонија на заклетва на 462 нови граничари.

Ова затворање на мигрантите ќе се однесува на сите новодојдени како и на барателите на азил кои се веќе во Унгарија и кои ги има 586. Тие луѓе ќе бидат затворени во контејнери, како што изјави уште пред еден месец шефот на кабинет на Орбан.

Оваа мерка е во спротивност со меѓународното и европското право.