Унгарија се огради. Контроверзната ограда долж границата со Србија е завршена. „Првиот дел од оградата е завршен два дена пред рокот предвиден за 31 август“, јави унгарската државна агенција МТИ повикувајќи се на информации од Министерството за одбрана.
Унгарските војници почнаа со изградба на оградата на 3 август. Деснокoнзервативната влада во Будимпешта се надева дека на тој начин ќе доаѓаат помалку бегалци, објави Дојче Веле.
Унгарската влада пред два дена го претстави нацрт законот кој предвидува построги казни за илегално преминување на границата, вклучително и затвор од три години за секој мигрант фатен како ја преминува границата со Србија. За нацрт законот, кој опфаќа 13 мерки во борбата против приливот на бегалци во Унгарија, треба да се расправа во неделава што доаѓа. Доколку биде прифатен, тој би стапил во сила на 15 септември.
Во Унгарија годинава преку Балканот стигнаа повеќе од 100.000 бегалци, главно од воени зонои како Срија, Ирак и Авганистан. Речиси сите мигранти поднесуваат барање за азил во Унгарија, но се обидуваат да стигнат до побогатите земји од ЕУ, како Германија, Шведска или Велика Британија.




