Во 2015 година ќе биде забележен нов рекорд на бројот на бегалците и раселените во светот, многу повеќе од регистрираните 59,6 милиони минатата година, соопшти денеска Високиот комесаријат за бегалци на ОН.
Според објавениот Годишен извештај, нивниот број ќе биде далеку над 60 милиони, бидејќи само во првите пет месеци од годината има 5 милиони раселени повеќе од лани. Во истиот овој период, забележан е и досега невиден број мигранти кои стигнале во Европа преку Средоземното море, најмногу од Сирија и другите зони зафатени од војната.
Статистиката на УНХЦР покажува дека бројот на бегалците во 2015 во однос на 2011 пораснал за 45 проценти. Најголем број од нив се во потсахарските земји – 4,1 милион, во Азија и Пацификот – 3,8 милиони, Во Европа 3,5 милиони, на Блискиот исток и во Северна Африка 3 милиони и на американскиот континент има 753.000 бегалци.
Најголем број баратели на азил има во Германија – само во првата половина од годината 159 илјади, по што следуваат Русија со 100 илјади (главно од Украина), и САД со 73.200 илјади баратели на азил, што е за 44 процебнти повеќе од 2014-та.
Во однос на внатрешни раселените лица, на прво место е Јемен со 933.500 лица, Украина со 559.000, Ирак со 366.500 и Пакистан со 309.200 лица.




