Мигрантската криза е можност за сите земји во Европа да дадат значење на благородните обврски и меѓународни конвенции – Конвенција за правата на детето, и Конвенцијата за бегалци и Протоколот од 1951, да се почитува основното човечко достоинство и начелото за „недепортација“, да се поддржуваат основните вредности на Европската унија и клучните принципи на законодавството за човекови права. Најдоброто тестирање на вредностите е токму во време на криза, како што сме виделе и претходно, се вели во пораката на Mари-Пјер Поарие, специјален координатор на УНИЦЕФ за бегалската и мигранстката криза во Европа, по повод Денот на меѓународните миграции.
„2015 година ќе биде запаметена по трогателната слика на беживотното тело на малото момче на плажата – тоа беше едно од многуте деца кои имаа дојдено пред него; едно од многуте деца кои дојдоа по него. Тоа беше година во која стотици илјадници деца и нивни семејства тргнаа на пат оставајќи го зад себе хоророт, на одисеја на надежта преку Европа. Тоа беше година на масовно раселување. И се чини дека не се гледа крајот“, се вели во пораката.
Од УНИЦЕФ потсетуваат дека за да биде 2016 – та подобра година за децата, мора сите подобро да се фокусираат на нивните потреби.
„Тие се најмалку одговорни за кризата, а сепак ја плаќаат најголемата цена. Минатата година, 2014, беше најстрашната година официјално за децата. Ширум светот – од Сирија и Ирак до Авганистан, Јемен и пошироко, милиони деца беа жртви на ужасна бруталност и присилно регрутирање; беа лишени од учењето и беа изложени на невидени загуби. Голем број на деца беа убиени. На уште поголем број на деца им беше украдено нивното детство“, се истакнува во соопштението.
Но, за решенијата да бидат трајни, од УНИЦЕФ велат дека тие мора да бидат политички, односно „лидерите мора да се договорат за мир во земјите од каде бегаат овие деца – освен доколку сакаме да изгубиме една цела генерација“.




