Ураганот Метју кој однесе 39 животи на Хаити сега се движи кон источниот дел на сојузната американска држава Флорида, каде според прогнозите на метеоролозите ќе добие поголема сила и ќе премине од трета во четврта категорија.

Најжестоката карипска бура во последните 10 години рано утрово ги погоди Бахамите, а во четири американски држави во тек е евакуација.

Според Ројтерс, најголем број од жртвите загинале од паѓање на дрва, уривање на фасади и делови од покриви и од излевање на реки.

Патштата на Флорида, Џорџија, Северна и Јужна Каролина од синоќа се блокирани од колони возила, откако милиони луѓе ги послушаа предупредувањата да се евакуираат кон внатрешноста, поради најавите дека Метју ќе пристигне со ветришта со јачина од 185 километри на час, со силна бура и обилни дождови, што ги потврди и Американскиот национален центар за урагани.

Предупредувањето за евакуација се однесува на околу 12 милиони граѓани.

Од ураганот Метју во Доминиканската република загинаа четири лица, а оштетени се 200 објекти.