Номинацијата на Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија беше изненадување. Таа доби поддршка од европските лидери по неколкудневни долги преговори и откако главните фаворити беа отфрлени.
Урсула фон дер Лајен (1958) е германски политичар од ЦДУ. Од 2013 година беше министер за одбрана на Германија и прва жена на таа функција. Лајен е единствената која беше министерка во сите влади на Меркел.
Од 2005 до 2009 година беше министер за семејни прашања и млади, а од 2009 до 2013 година министер за труд и социјални прашања.
Фон дер Лајен доби поддршка и од францускиот претседател Макрон.
“Фон дер Лејен е многу добар кандидат и многу добар избор да ја предводи Европската комисија”, изјави тој за новинарите.
Германската канцеларка Меркел рече дека номинацијата на фон дер Лејен била донесена едногласно од страна на лидерите на ЕУ, освен што таа гласала воздражано.
Фон дер Лајен се смета за лојална на германската канцеларка Ангела Меркел, вистински христијански демократ и конзервативен еврофил, која на долг рок се залага за обединета Европа и европска армија.
Силен поборник за поголем германски ангажман на светската сцена и поблиска интеграција во ЕУ, таа во минатото се залагаше за “Соединетите држави на Европа”.
Пред две недели, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон, заедно со нејзините колеги од Франција и Шпанија, потпиша договор со кој ќе започне трилатерална соработка за дизајнирање на борбен авион од новата генерација.
Повикувајќи се на извори од француската влада, Еуроактив пишува дека Лајен ја предложил самиот Макрон, откако ја запознал за време на церемонијата на потпишување, и покрај разликите меѓу Париз и Берлин за концептуалните прашања за заедничка идна европска армија и европската политика за извоз на оружје.
Номинацијата на Лајен сега треба да биде потврдена од Европскиот парламент каде таа треба да добие мнозинство гласови. Досегашниот претседател на Европската комисија Жан Клод Јункер ја напушта функцијата на 31 октомври.
Ако биде избрана таа ќе биде првата жена која ќе претседава со Комисијата. Таа инаку е мајка на седум деца, многу невообичаено во земја каде просечниот наталитет е 1.59 деца по жена – констатира ББС.




