Градскиот трговски центар, Македонската опера и балет и Националната универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ засега се спасени од барок. Денеска уставните судии со мнозинство гласови одлучија да поведат постапка за испитување на уставноста на членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање со кој овие објекти се прогласуваат за објекти од посебен интерес. Според овој член, Владата може без никакви критериуми, по своја желба, волја, потреби и вкус, да донесе одлука да прогласи објект што е од посебен интерес и да го изменува, растура, доградува, преправа.
Уставните судии денеска донесоа времена мерка со која се запираат сите активности на владата додека Уставниот суд не се произнесе за спорниот член 50 од законот.
Иницијативата за испитување на до Уставниот суд ја поднело здружението на архитекти „Проблесок“.
Решението за поведување постапка, Уставниот суд треба да го прати Владата и до Собранието. Институциите треба да одговорат во рок од 30 до 40 дена. Откако ќе ги добијат одговорите уставните судии ќе гласаат дали членот 50 ќе биде укинат.
Автори на проектот за барокниот ГТЦ се Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Според нивниот проект, освен барокот, предвидена беше и надградба за еден кат и затворање од сите страни.