Државниот совет на Грција денеска треба да одлучува за законитоста на референдумот, на кој Грците во недела ќе се произнесат по предлогот на европските кредитори, пренесува британски „Гардијан“.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас е уверен дека граѓаните нема уште долго да страдаат поради затворањето на банките. Тој очекува да биде постигнат договор со кредиторите 48 часа по референдумот.
Најновата анкета за грчкиот референдум спроведена од институтот АЛКО покажува дека 44,8 проценти од гласачите ќе го дадат својот глас за прифаќање на понудата на меѓународните кредитори, додека 43,4 проценти ќе гласаат против.
Според анкетата 11, 8 проценти се уште не се одлучиле.
Доколку предвидувањата се покажат како точни, тоа би значело голем пресврт во јавното мнение и расположението на гласачите од претходната анкета кога мнозинството беа главно против мерките за штедење кои ги понудија европските кредитори.
Европските лидери сметаат дека, доколку Грција изгласа против, ќе се збогуваат од еврозоната. Од друга страна грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис вели, таквиот резултат би бил почеток на преговорите.




