Градоначалникот Шилегов, директорот на МКЦ, Русе Арсов и директорот на Универзална сала, Филип Аврамчев, денеска на конференцијата за медиуми, што се одржа во Младинскиот културен центар-Скопје, ја објавија програмата за годинешното 14-то издание на културната манифестација „Бела ноќ“, што ќе се одржи  утре, 6 октомври 2018 година.

Оваа година ќе имаме несекојдневно издание на Белата ноќ. Четиринаесетгодишното постоење на оваа веќе препознатлива манифестација на Градот, за првпат ќе биде збогатено и со фестивал на светлината, односно Skopje light art district. Овој фестивал е направен по теркот на најпознатите светски фестивали на светлината, а е поддржан во рамките на РОК-проектот, проект на програмата на ЕУ – Хоризонт 2020. Тука, морам да ја напоменам и несебичната поддршка на Градот Лион, каде што постои најстариот фестивал на светлосна уметност, рече Шилегов на прес конференцијата.

Тој додаде дека организаторот на ова издание на Бела ноќ се потрудил да вклучи што повеќе странски и домашни уметници, но и да анимира нови алтернативни културни простори што во иднина ќе се користат за одржување на вакви или слични настани.

-Утревечер посакувам сите заедно да уживаме во ова несекојдневно издание на Бела ноќ и на Skopje light art district, рече Шилегов.

Русе Арсов, директорот на МКЦ, нагласи дека годинава главен акцент е ставен на домашни уметници  за да покажеме што ние како главен град може да понудиме и вети добра забава.

Филип Аврамчев, директорот на Универзална сала, кој е главен организатор на Фестивалот на светлината, најави настапи на 16 артисти на тридневниот фестивал кој ќе изобилува со најразлични видови светлосни инсталации.

Покровител на манифестацијата „Бела ноќ“ е Градот Скопје, а технички и програмски организатор е Младинскиот културен центар-Скопје.

Утре, за време на одржувањето на БЕЛА НОЌ, организирано е бесплатно возењето во градските автобуси на ЈСП кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот до раните утрински часови.

Целосната програма е на следниот линк.