Рускиот претседател Владимир Путин игра на сила и ја гази суштината на европското постоење и затоа Западот не сака да ја слави 70-годишнината од крајот на Втората светска војна во Москва, вели поранешниот полски претседател Лех Валенса.
Тој во интервју за полскиот ТВ канал H24 напоменал дека за светот немаше да претставува проблем доколку победата над Хитлер се славеше во Москва да не беше случајот со Крим и немирите во Украина, каде што европските лидери и САД сметаат дека Русија игра голема улога за нередите.
– Однесувањето на Путин е причината поради која не сакаме да стоиме со него во ист ред. Тој применува сила во време кога се аргументира и се преговара. Светот е основан на договори а тој тоа го погазува. Путин ја тестира нашата солидарност, европската и светската, вели Валенса.
Тој апелира да му се постави црвена линија на Владимир Путин која не би смеел да ја пречекори.
– Потребни се неколку мажи кои ќе ги повикаат луѓето на Путин и ќе им покажат какви “играчки“ имаме и ние и да им кажат: Ние тоа не го сакаме, но ако ја пројдете линијата ќе мора да ги употребиме. Еден чекор плус, и ќе ве разбиеме, рече некогашниот лидер на отпорот против тоталитаристичкиот режим во Полска.




