Белгискиот експерт Питер Ванхауте, кој работеше со четирите најголеми партии на решавање на кризата со Договорот од Пржино, преку Твитер повторно реагира за изборите закажани на 5.јуни.
„Сопствениците на медиумите под контрола на Владата/партијата за изборите: Два пати избори? Пари, пари, светот е на богатите“, е пораката на Ванхауте испратена преку неговиот Твитер симбол – мачката.
Оваа негова реакција доаѓа откако Државната изборна комисија констатираше дека Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде единствената на гласачкото ливче на изборите кои се уште е неизвесно дали ќе се одржат.
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски неодамна во интервју за „Франс прес“ рече дека тие се подготвени за избори на 5-ти но и за дополнителни избори потоа.
Ако се одржат изборите следниот месец како што очекува тој, Груевски рече дека неговата партија „веднаш ќе биде подготвена“ откако ќе се формира нов Парламент да одат на уште едни избори на кои „ќе им дадат на граѓаните шанса да избираат“.