Поранешниот грчките министер за финансии Јанис Варуфакис, во моментот кога треба да започнат преговорите за третиот пакет меѓународна финансиска помош за Грција, тврди дека економските реформи во неговата земја ќе пропаднат.
Во интервјуто за британскиот јавен сервис BBC емитувано во саботата, Јанис Варуфакис, кој се повлече од должноста министер за финансии веднаш по референдумот од 5-ти јули со кој Грците со огромно мнозинство го отфрлија претходниот пакет реформи на грчките доверители за овозможување на новата помош и поради речиси неговата непожелност во Европа, тврди дека програмата којашто е сега предвидена за Грција „ќе влезе во историјата како најголемата катастрофа на макроекономското управување кога и да е“.
Неколку европски парламенти, меѓу кои и оној од кој најмногу се стравуваше – германскиот Бундестаг, во четвртокот и петокот го одобрија почетокот на преговорите за новиот пакет помош, а новата финансиска инјекција за Атина би можела да достигне до 86 милијарди евра во замена за новите мерки за штедење и реформи, кои се надоврзуваат на досега одобрените 240 милијарди евра заеми за Грција, и отписот на 107 милијарди евра долг кон приватните доверители.
Во својата „црна прогноза“ Варуфакис тврди дека „оваа програма ќе пропадне, без разлика кој ќе ја спроведува“, а на прашањето колку време ќе треба за тоа да се случи, поранешниот министер за финанси чија оставка беше доживеана како концилијантен потег во однос на министрите од еврозоната со кои влегуваше во конфликти и вербални дуели, одговори – „Веќе пропадна“.
Според него, грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој изјави дека ниту самиот не е убеден во програмата за спасување на неговата земја, немал поинакви опции отколку да се согласи со предлогот. „Ни беше дадена можноста да избираме меѓу егзекуција и капитулација, Тој одлучи капитулацијата да биде конечната стратегија“, вели Варуфакис.
Ципрас во петокот вечерта ја објави реконструкцијата на својот владин кабинет, од кој се отстранети неколку министри и заменици министри кои не го поддржаа договорот за новиот пакет меѓународна помош, меѓу кои и министерот за енергетика Панајотис Лафазанис кој предводи фракција во владејачката коалиција на радикалната левица Сириза.
Меѓутоа, Ципрас изјави дека нема да воведува технократска влада, ниту дека опозициските политичари ќе ги вклучи во својот министерски кабинет, како замена за оние кои излегоа од него, а според некои коментари во грчките медиуми од саботата, премиерот ќе води влада во која министрите, како и самиот тој, имаат сериозни сомневања во реформската програма.
Во прв ред, станува збор за тоа дали ќе може да биде спроведлива, имајќи го предвид отпорот на Грците кон непопуларните мерки за штедење, што се услов за грчките доверители за да се гарантира ликвидноста на Атина. Во спротивно, Грција е под опасност од банкрот и можно излегување од еврозоната, што, пак, може да има сериозни политички импликации за целата Европска унија.




