Американскиот претседател Дoналд Трамп издал наредба на Пентагон, во втората половина од годината да организира голема воена парада, за да ја покажат моќта на американската војска.
Како што пренесуваат агенциите, Трамп сака дефиле на војската и тенковите на улиците на Вашингтон. За оваа идеја тој на 18 јануари се сретнал со генералите на Пентагон, тврди неименуван извор, објави Вашингтон пост.
„Имаше наредба за марш: Сакам парада како онаа во Париз“, вели неименуваниот извор за весникот и додава дека за тоа се работи на највисоко воено ниво.
Прикажувањето на воената сила на САД не е типично и не е евтино, предупредуваат експертите.
Претставничката за печат на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс потврди дека плановите се во тек.
„Претседателот Трамп неверојатно ги поддржува членовите на службите кои секојдневно ги ризикуваат животите за да ја направат нашата земја безбедна. Тој бараше од Министерството за одбрана да рамисли за прослава на која сите Американци може да ја покажат својата благодарност“, се вели во соопштението.
И Пентагон ги потврди вестите за плановите.
„Свесни сме за барањето и во тек е процес на утврдување специфични детали. Ќе ги споделиме информациите во текот на планирањето“, изјави портпаролот на Министерството за одбрана Томас Кросон.




