Владимир Путин не само што не се повлекува туку фронтот го сели од Украина во Сирија, пишува „Вашингтон Пост“.
Американскиот весник наведува дека по новопотпишаното примирје на 1.септември, и кога се чинело дека Путин се повлекува од Источна Украина, руски авиони почнале да ја надлетуваат провинцијата Идлиб, почнала изгардба на касарна и нова база, а бродовите истоварале нови оклопни возила во Сирија.
„Вашингтон Пост“ наведува дека Западот, како и многу пати до сега, не одговорил адекватно на “маневрите“ на Путин.
Примената на сила од страна на Путин, го натера Западот да ги прифати неговите барања во однос на Украина, а тој сега сака да го потврди својот триумф и во Сирија. Никој не е поразочаран за оваа ситуација од американскиот државен секретар, Џон Кери, пишува весникот.
Во мај годинава, Кери оствари средба со Путин во Сочи каде разговараа за ситуацијата во Иран, Украина и Сирија, со иницијатива дека воените конфликти во Украина и Сирија треба да се решаваат во соработка на релација Москва-Вашингтон.
„Вашингтон Пост“ оценува дека договорот „Минск 2“ за примирјето, се одразил најлошо врз Киев, бидејќи тој предвидува дека Украина мора да усвои уставни реформи преку кои на проруските региони ќе им дозволи вонредни овластувања, а истите реформи ќе треба да ја задоволат Москва.
Според весникот, јасно било дека Путин имал свој план за Сирија, и дека сакал да ги стопира сите напори на САД за да го сруши режимот на Башар ал-Асад. Напротив, весникот наведува дека, Русија планира режимот на Асад да го присвои како партнер во нова коалиција за борба против Исламската држава.




