Асен Василев од бугарската владеачка партија „Промените продолжуваат“, кој е номиниран за премиер, изјави дека прво мора да се најде политичка поддршка, а потоа ќе се разговара за нејзиниот состав, јавува дописникот на МИА од Софија.

„Исклучително важно е работите кои се вклучени во програмата на идната бугарска Влада за наредните шест месеци да се случат токму во овој период“, додаде Василев.

Тој посочи дека „Промените продолжуваат“ сака да има 121 народен претставник кои јасно ќе стојат зад програмата, како и против големите бизнис интереси кои се обидоа да се протнат низ претходната влада на Бугарија и кои доведоа до нејзин пад.

Доколку првиот обид за состав на влада е неуспешен, бугарскиот Устав предвидува уште две можности за формирање на нов владин кабинет, при што последниот е избор на партија од Националното собрание од Претседателот на државта и нема значење колку е таа голема.

Доколку и третиот обид биде неуспешен, тогаш претседателот Румен Радев го распушта Националното собрание на Бугарија и назначува преодна влада која мора да одржи предвремени парламентарни избори во земјата.