Српскиот патријарх Порфириј и македонскиот архиепископ Стефан ќе служат литургија на помирување на 19 мај во црквата Свети Сава во Белград, соопштија од Патријаршијата за Танјуг.

Литургијата ќе започне во девет часот, а ќе чиноначалствуваат сите епископи на двете цркви.

Патријархот Порфириј ги повикува верниците да присуствуваат на архиерејската литургија во што поголем број, информира Танјуг. 

Српскиот православен црковен парламент вчера соопшти дека го прифаќа статусот на најширока можна автономија за Македонската црква, односно целосна внатрешна независност, која и беше доделена во 1959 година.

Последната синодска одлука на црковен Белград иницира дилема дали од одлуката на СПЦ сега произлегува постоење на две автономни цркви на територија на Македонија. 

Во 1959 година СПЦ и додели на МПЦ  статус на автономија и целосна внатрешна независност. Нешто што нашата црква 8 години подоцна во 1967 година го прекина со еднострано прогласување автокефален статус по што од СПЦ беше карактеризирана, се до вчера, за шизматичка и расколничка црква. 

Во 2002 година Соборот на СПЦ издава Согласност за воспоставување црковно единство потпишано на 17 мај во Ниш со Охридска Архиепископија односно ПОА во Македонија, на која на крајот на следната година , на 25 декември 2003 година и е дадена и автономија во рамките на која и се доделени на владение епархиите  : Света Митрополија скопска и Светите Епископии: преспанско-пелагониска, брегалничка, дебарско-кичевска, полошко-кумановска, велешко-повардарска и струмичка, кои како што стои во Томосот за ПОА, биле под управа на Пеќката Патријаршија се до 1959 година кога и била дадена автономија на МПЦ. 

Точно овие два момента го поттикнуваат наметнувањето на дилемата за двојни одлуки на СПЦ , кои во однос на постоење на две автономни цркви во иднина во земјава, би било едно од прашањата што треба и се очекува да се надминат.

(М.Трпческа)