Движењето #Протестирам најави дека протестите денеска продолжуваат во рекорден број градови – девет, ширум Македонија. Освен во Скопје, за вечерва најавени се протести и во Велес, Охрид, Кичево, Кавадарци, Битола, Прилеп, Радовиш и Струмица.
-Македонија е на нозе, се гледаме на улиците!, стои во најавата на движењето Протестирам.
Демонстрантите обединети под граѓанската палтформа #Протестирам бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и е покренато обвинение од Специјалното обвинителство. Се бара итна и неотповиклива оставка на Иванов од функцијата претседател на Република Македонија, произнесување на Уставниот суд за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, како и формирање на специјално одделение во Кривичниот суд за случаите на СЈО.
Дел до барањата исто така се и итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5. јуни, задолжително присуство на претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата. Тие сметаат дека процесот на решавање на кризата треба да се одвива на територијата на Македонија и тоа сè додека не се формира преодна Влада која ќе ги имплементира реформските приоритети од Извештајот на Прибе.
Се до исполнување на овие барања протестите нема да стивнат.