Велика Британија денес гласа на парламентарни избори. Според анкетите, сосема е можно овие избори да не донесат јасно мнозинство што ќе значи дека лабуристите и конзервативците, двете големи партии, ќе мораат да влегуваат во коалиција за да состават влада. Преговорите за нова влада, во ваков случај, можат да траат повеќе недели.
За да се избегне долго чекање за формирање на владата, една од двете големи партии треба да освои барем половина од 650 места на парламентот. Ако победат конзервативците на премиерското место повторно ќе седне Дејвид Камерон за нови пет години. Ако лабуристите освојат мнозинство клучот на премиерскиот кабинет на Даунинг Стрит 10 ќе му биде предаден на Ед Милибанд.
Но анкетите предвидуваат дека ова сценарио е доста неизвесно. Тогаш, победничката партија ќе мора да влегува во коалиција со помалите партии за да добие доверба од парламентот за време на традиционалниот Говор на кралицата закажан за 27 мај.
Партиите треба да почнат со преговори веќе утре. Можни се повеќе комбинации на коалиции а аналитичарите велат дека четири се најверојатни.
Коалицијата помеѓу конзервативците и либералите е веќе позната и владее од 2010 годиба и можно е таа да владее и во следните пет години. Лидерот на либералите Ник Клег изјави дека ќе преговара со победничката од двете големи партии. Конзервативците, според анкетите, би требало да победат и заедно со либералите да ја освојат потребната бројка од 326 пратеници за мнозинство. Доколку биде потребно северно-ирската партија која очекува да освои 9 места би можела да влезе во оваа коалиција за да го пополни бројот до 326 места.
Втората комбинација е влада со малцинство на конзервативците доколку тие освојат барем 290 места. Во тој случај тие можат да решат да владеат сами но ќе треба да договорат поддршка за гласање од други партии кога за тоа ќе има потреба за да се изгласа некој од нивните проекти. Тоа би биле либералите и северно-ирската партија па дури и популистичкиот и евроскептичен УКИП.
Третотo сценарио е малцинска влада на лабуристите. Дури и ако не освојат најголем број гласови лабурустите можат да добијат поддршка од шкотскиот СНП за кој анкетите велат дека по овие избори ќе стане третата политичка сила во земјата. Милибанд вети дека нема да прави коалиција со СНП која за бори за независност на Шкотска и покрај неуспехот на референдумот минатата година но можна е поддршка на СНП за гласање на проектите на лабуристите кога за тоа ќе има потреба.
Четвртото сценарио е коалиција помеѓу лабуристите и либералите. Оваа коалиција е, според аналитичарите, компатибилна бидејќи многу од членовите на либералната партија имаат левичарски сезибилитет. Доколку е потребно оваа коалиција би можеле да ја зајакнат партијата на зелените, партијата ба Велс или СДЛП, мала левичарска партија. Сите заедно би можеле да формираат влада.
Избирачките места беа отворени рано утринава и ќе се гласа се до 23 часот а резултатите ќе бидат познати во текот на ноќта.




