Конзервативната партија на Ториевците под водство на Тереза Меј води во изборите во Велика Британија, но го губи апсолутното мнозинство во Парламентот, тврдат анкетите на Испос-Мори направени на излез од гласачките места кои беа отворени до 22 часот по британско време.

Ториевците добиваат 314 седишта а досега имаа 330. Лабуристите на Џереми Корбин освојуваат 266 седишта а досега имаа 229.

Ако овие резултатите бидат потврдени тоа ќе значи дека премиерката Тереза Меј го загуби облогот за освојување на апсолутно мнозинство како што посакуваше. Таа распиша предвремени избори охрабрена од рејтингот на нејзината партија и убедена дека лесно ќе освои апсолутно мнозинство.

Пред два месеци, кога беа распишани изборите, разликата помеѓу конзервативците и лабуристите изнесуваше речиси 20 отсто во корист на конзервативната партија. Во текот на изминатите два месеци таа разлика се стопи на одвај неколку проценти.

Според изјавата на Пола Сариџ од Универзитетот во Бристол дадена за агенцијата АФП, загубата од овие избори за Тереза Меј ќе донесе голем притисок врз премиерката:

“Прерано е да се каже дали Меј ќе може да остане премиерка. Таа многу брзи би можела да се најде под голем притисок за даде оставка како лидер на конзервативната партија”, вели Сариџ.

Конечните резултати ќе бидат објавени утре изутрина.