Денеска дојде до нов голем прекин во снабдувањето со електрична енергија во неколку региони во Венецуела.
Струјата постепено почна да се враќа во домовите на луѓето откако беше прекината пред два дена, но денеска повторно нема струја во области каде што веќе беше обновена.
Во исто време, голем пожар избувнал во трафостаница во Боливар, соопшти порталот Национал. Од локацијата излегува густ, црн чад, а локалните власти досега не ја соопштија причината за пожарот.
Колапсот на енергетскиот систем се случи на 7 март поради хаварија. Националната компанија за електрична енергија соопшти дека колапсот бил резултат на пренасочување и оти „е епизода од енергетската војна против Венецуела“.
Самопрогласениот претседател и лидер на опозицијата Хуан Гуаидо изјави дека луѓето умираат во болниците, а за тоа вината е кај корумпираната власт.
-Не може да биде нормално 50% од болниците да немаат електрични генератори, а другите 50% едвај извршуваат итни хируршки интервенции, рече лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо.
Владата во Каракас денеска соопшти дека ќе поднесе жалба до високата комесарка на ОН за човекови права Мишел Бачелет, поради „саботажа“ на електромрежата, за која властите на земјата го обвинуваат „американскиот империјализам“.
– Ќе поднесеме жалба за да се обезбеди почитување на човековите права во нашата земја, изјави министерот за комуникации и култура Хорхе Родригес и додаде дека таа саботажа, која требало да ја остави Венецуела без струја неколку дена, била „најбрутален чин на агресија во изминатите 200 години“.
Претседателот на Венецуела Николас Мадуро го обвини „американскиот империјализам“ за оваа саботажа, а Стејт департментот негираше каква било вмешаност, без оглед дали е директно или индиректно преку наметнатите санкции.
-Ситуацијата во Венецуела сега е продукт на години на корупција и неспособност кои се дел од овој режим. Тоа е проблемот, смета Елиот Абрамс, специјалниот известувач на САД за Венецуела.
Америка најавува нови санкции врз финансиските институции на Венецуела, за да го симне Мадуро од власт, но негира дека за тоа ќе користи оружје. И од енергетскиот сектор тврдат дека хидроелектаната Гури страда поради долгогодишната корупција во земјата. Ниту еден од неколкуте изградени погони за производство на резервни делови не дојде на ред за ја надомести штетата за најголемата електрана Гури.
Од денеска, Венецуела има на залиха нафтени резерви за уште седум дена, предупредува американската администрација. За само неколку дена, во земјата ќе снема пченка, брашно и масло за готвење. Се очекува во наредните денови – народот со најмногу нафта во светот – да влезе во период на хуманитарно страдање кое не е видено во модерната историја.







