Лидерот на грчката опозициска социјалистичка партија ПАСОК, Евангелос Венизелос, соопшти дека се повлекува од раководството на партијата, но останува во политиката, пренесе весникот „Катимерини“.
– Ја напуштам својата позиција на претседател на ПАСОК. Не се откажувам од политиката, ниту од мојата одговорност, ниту од мојата борба за земјата, изјави Венизелос на десетиот конгрес на партијата.
Венизелос кажа дека ја презема целата одговорност за лошите резултати на парламентарните избори во јануари. Но, исто така, дел од вината префрли и врз новата партија која поранешниот лидер на ПАСОК и поранешен премиер Јоргос Папандреу ја формира пред изборите.
По повод повиците на премиерот Алексис Ципрас кон опозицијата да ја поддржат Владата во нејзините напори да договори спогодба со кредиторите, Венизелос кажа дека ПАСОК прво треба да ја види спогодбата. Тој го повика Ципрас „да му се извини на грчкиот народ за лагите“, имајќи ги предвид предизборните ветувања на владеачката радикална левица СИРИЗА.
Поранешните министри Андреас Ловердос и Фофи Генимата се двајцата главни претенденти, кои ќе се исправат еден против друг на денешното гласање за лидерската функција во ПАСОК.




