Мазутот што компанијата РКМ го испорачувала за потребите на ТЕЦ Неготино бил со соодветен квалитет, не предизвикувал загадување на воздухот и животната средина, а неговата употреба овозможила значителни заштеди за државата и ги поштедила граѓаните од уште повисоки сметки за електрична енергија во екот на енергетската криза. Ова произлегува од вештиот наод изработен во 2024 година, по налог на тогашниот директор на ТЕЦ Неготино.
Вештачењето ја анализира економската оправданост од повторното активирање на ТЕЦ Неготино во услови на енергетската криза и заклучува дека одлуката била оправдана, бидејќи производството на електрична енергија со мазут било поевтино од увозот на струја од унгарската берза HUPX.
„Според посочените извадоци, Владата на РСМ донела одлука за активирање на ТЕЦ Неготино за времено дополнително производство на електрична енергија (ЕЕ) во услови на енергетска криза… пуштањето во работа на ТЕЦ Неготино било оправдана одлука, земајќи предвид дека очекуваната цена на ЕЕ произведена во ТЕЦ Неготино била пониска од цените на ЕЕ на унгарската берза HUPX, кои во тој период се сметале за референтни за Македонија“, стои во вештачењето.
Во наодот се наведува дека редовно била водена евиденција за приемот и потрошувачката на мазутот, а анализата покажува дека испораките од страна на РКМ се одвивале согласно договорената динамика.
ТЕЦ Неготино, која од 2009 година беше во режим на ладна резерва, повторно беше ставена во функција во декември 2021 година поради енергетската криза. Во периодот до април 2023 година електраната работела со еден или два котли, зависно од потребите на електроенергетскиот систем, а целокупната работа била уредно документирана.
Според вештиот наод, вкупната вредност на електричната енергија произведена во ТЕЦ Неготино изнесувала околу 155,4 милиони евра, додека набавката на истите количини на унгарската берза би чинела околу 167,5 милиони евра, без дополнителните трошоци за пренос и увоз.
„Разликата помеѓу двете вредности изнесува 12,143 милиони евра, што покажува дека работењето на ТЕЦ Неготино може да се смета за економски оправдано. Оваа разлика би била уште поголема ако се земе предвид дека цената на увезената електрична енергија во Македонија би била повисока од цените на унгарската берза поради дополнителните трошоци.“
Вештото лице заклучува и дека мазутот што бил користен бил со соодветен квалитет и не довел до надминување на дозволените емисии на загадувачки материи.
„Мазутот што се користел бил со релативно добар квалитет… Како дополнителен аргумент за квалитетот на мазутот може да се наведат и лабораториските извештаи за мерења на емисии на загадувачки материи во воздухот… во кои се констатира дека концентрацијата на чадни гасови од котлите не ги надминува граничните вредности пропишани со Правилникот…“
Предметот сè уште се наоѓа во Вишото јавно обвинителство, кое треба да одлучи по жалбата против одлуката на ОЈО ГОКК за запирање на истрагата поради недостиг на докази.
Според содржината на вештиот наод, не е утврдена економска штета. Напротив, анализата укажува дека домашното производство на електрична енергија обезбедило финансиска корист за државата и за граѓаните, додека лабораториските мерења не покажале надминување на законски дозволените емисии во периодот што е предмет на истрагата.
Во тој контекст, останува нејасно врз што ЕСМ ја темели својата жалба, особено ако се има предвид дека претставници на компанијата, во искази дадени пред ОЈО ГОКК, навеле дека „им симнуваат капа на РКМ“ за експедитивноста и навремената испорака на мазутот.
ПР содржина




