Операциите за потрага и спасување на преживеаните во разорниот земјотрес што пред два дена ја погоди Албанија продолжуваат и денеска.
Според официјалните податоци, досега бројката на жртвите достигна 40 лица, од кои најмладата има само три години, а бројот на повредени над 650. Од под урнатините на зградите се извадени 45 преживеани лица.
Европско-медитерански сеизмолошки центар објави дека во последните 44 часа во Албанија се почувствувани 43 земјотреса.
Тлото се тресело и во текот на ноќта. Нешто пред полноќ во Тирана и Драч бил почувствуван земјотрес со јачина од 4,4 степени што предизвикал паника, Многу жители на Тирана и изминатата ноќ ја минале во автомобилите.
Спасувачките екипи и механизацијата се насекаде, пристигнуваат и од соседните земји и работат и се борат со времето.
Најтешко се погодени местото Туман и областите на Драч и Тирана.
Во Туман, на 30-ина километри северно од Тирана и Драч, блокирани се речиси сите приоди кон урнатите куќи. Таму спасувачките операции се завршени, бидејќи властите сметаат дека под урнатините нема заробени луѓе.
Акциите продолжуваат во Драч.
Во куса објава на својот профил на Фејсбук, албанскиот премиер Еди Рама го одбележа денешниот национален празник Ден на знамето, со зборовите дека денот осамна во темнината што привремено ја покри земјата.
– Денот на црвеното знаме влезе во темнина која привремено нè опкружува, пред да зајде сонцето. Господ нека ја благослови Албанија, Албанците без разлика каде и да се наоѓаат, без оглед на нивните верувања и најубавото знаме на светот, секако, напиша Еди Рама на Фејсбук.
По повод Денот на независноста, кој Албанија го одбележува како Ден на знамето, во земјата беа планирани повеќе настани, но Рама вчера рече дека по катастрофалниот земјотрес денеска и утре треба да бидат солидарни.
Земјотресот со јачина 6,4 степени според Рихтер во вторникот, околу 4 часот утрината по локално време, ја стресе Албанија и околните земји.
Драч во септември годинава беше погоден со силен земјотрес со јачина од 5,8 степени, кога беа повредени 70 луѓе, а над 500 куѓи беа оштетени.
По земјотресот во АЛбанија пред два дена, уследија серија потреси во регионот-Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција (Крит) и синоќа во Хрватска, кога земјотрес од три степени по Рихтер е регистриран околу 20 часот, со епицентар на околу 20 километри југоисточно од Карловац.






