Турскиот кошаркарски репрезентативец и член на НБА екипата Кливленд кавалирс, Џеди Осман, во неговиот роден Охрид, се ожени со познатата турска актерка Ебру Шахин.

Свадбената церемонија се одржа на брод, закотвен на охридското пристаниште по што веселбата продолжи во еден од локалните ресторани.

Изборот на гардероба на Осман за свадбената веселба беше беж костум, бела кошула, во комбинација со бели патики. Невестата Ебру, пак, се одлучи за интересна бела креација и бел шешир како детал и бели сандали од модниот бренд „Версаче“.

Гости на свадбената веселба на познатата двојка беа членови на најтесните семејства и најблиски пријатели на младите кои, покрај Охрид, планираат веселба на плажата Чешме во близина на Измир.

Осман е роден во Охрид во 1995 година од татко Турчин и мајка од Нови Пазар. Неговите кошаркарски почетоци се врзани за екипата на Босна, а во кариерата играше и за двократниот европски шампион, Анадолу Ефес. Во 2015 година беше избран од Минесота како 31 пик во втората рунда на драфтот, а во Кливленд е од 2017 година.