Вчера во Русија се уапсени најмалку 1.500 лица во 38 градови кои протестираа против најавената мобилизација, соопшти невладината организација ОВД-Инфо, специјализирана за следење на акции на полицијата.

Ова се најголемите протести во Русија од демонстрациите кои избија по најавата за почеток на руската офанзива во Украина во февруари.

Насилни апсења на демонстрантите против мобилизацијата на Путин и воената агресија врз Украина

Новинарите на Франс прес во Москва сведочат за најмалку 50 приведени на една од главните улици, а во Санкт Петербург полицијата наполнила автобуси со уапсени луѓе. Се вели дека неколку стотици демонстранти биле уапсени во Москва и во Санкт Петербург. Во двата најголеми града се одржаа најголеми протести.

Снимките од апсењата покажуваат повеќе униформирани полицајци кои опкружуваат поединечни демонстранти. Една жена беше забележана како е придружувана додека се обидуваше да ја спречи полицијата да приведе друг машки демонстрант.

Демонстрантите извикуваа: „Русија без Путин“, „Не на војната!“, „Не на мобилизацијата!“, „Путин во рововите!“

Во Москва луѓето скандираа „Русија без Путин“. Во третиот по големина руски град Новосибирск, на видео објавено на социјалните мрежи се гледа како демонстрант извикува: „Не сакам да умрам ниту Путин ниту за тебе!“.

Учесниците држеа плакати со сино-жолтите бои на украинското знаме и извикуваа пароли како „Не за мобилизацијата!“

Во главниот град, властите ги предупредија луѓето да не учествуваат на протестите, велејќи дека може да се соочат со затворска казна до 15 години.

Русите излегоа на улични протести во градовите на истокот на земјата: Иркутск, Улан-Уде, Хабаровск, Јакутск, Томск, Новосибирск, Екатеринбург.

„Нема да умрам ниту за Путин, ниту за тебе! Ова е ср..е и ти го знаеш тоа!“ извикал млад човек на неколку метри од полицијата. Неколку минути подоцна бил приведен.

Снимка од насилни апсења на демонстранти во Екатеринбург

И Во Дагестан, локалното население очигледно не сака да војува со Украина. Службеникот за регрутирање тврди дека треба да се борат за иднината, граѓаните му возвраќаат:

„Немаме ни сегашност, за каква иднина зборуваш“, одговара мајка која не дава да ѝ го регрутираат синот.

Павел Чиков, адвокат на руската група за човекови права Агора, вели дека Агора добила 6.000 барања на својата телефонска линија од вторникот наутро, од Руси кои сакале информации за правата на војниците.

Од почетокот на војната против Украина пред речиси седум месеци, руската држава континуирано ги напаѓа и апси противниците на војната.

Русите бегаат од државата

По најавената мобилизација во Русија, експресно почнало купување за авионски билети од Москва за земји во кои Русите можат да влезат без виза, како Турција, Ерменија, Грузија и Србија. Билетите за Истанбул и за Ереван се распродале во многу кус период, пишува „Бизнис Инсајдер“.

Цената за летовите од Москва до Истанбул или Дубаи достигнале дури 9.200 евра за еднонасочен билет во економска класа по најавата на Путин, објави Асошиетед прес.

Сите билети на руската државна авиокомпанија „Аерофлот“ за летови од Москва за Истанбул во следните три дена се распродадени.

Летовите на „Аерофлот“ од Москва за Ереван, главниот град на Ерменија, до викендот се исто така распродадени.

Од она што може да се види на руската платформа за патување „Авиасејлс“, дефинитивно повеќе нема билети за Истанбул, Ереван и Белград. „Авиасејлс“ е најпопуларната руска платформа за авионски билети. Цената на билетите на овој сајт вртоглаво растеше од минута во минута и достигна речиси 4.500 евра за билет во еден правец за Истанбул.

Поголема група Руси вчера слетале и на белградскиот аеродром, бегајќи од војната и мобилизацијата. Во изјави за порталот Nova.rs велат дека се исплашени, дека Путин е убиец кој ги тера во конфликт што не го сакаат. Низ солзи кажаа дека се плашат за своите семејства.

Многумина во страв не сакаа да зборуваат пред камерите, обидувајќи се да ја остават војната зад себе и конечно да бидат безбедни. Имаше и такви кои ги споделија своите искуства за актуелната криза во Москва и објаснија зошто си ги платиле билетите и тргнале кон Белград.

„Мојот сопруг остана во Русија. Многу мои пријатели добија повик за мобилизација. Мои колеги и воопшто младите момци“, рече таа.

Јулија рече дека поканите ги добивале млади луѓе, иако на почетокот се зборувало дека младите нема да добијат покани. А повиците, според неа, стигнале на нивните домашни адреси.

„Мојот брат е кај Изиум. Го регрутирале иако има 20 години. Тој е кај Изиум во војната веќе три месеци. Тој отиде во војна на 29 јули и беше во Изиум и Харкив. Не верувајте во се што се зборува во Русија!“, рече Јулија.

Матвеј од Санкт Петербург, во изјава за Би-Би-Си, вели оти се надевал дека тоа никогаш нема да се случи“.

„Сега е очигледно дека Путин нема да се повлече и ќе ја продолжи својата глупава војна до последниот руски државјанин“, вели Матвеј.

Триесетиедногодишниот Русин Евгениј, кој живее во Велика Британија, изјави: „Апсолутно сите се плашат, сите испраќаат различни информации за мобилизацијата. Многу е тешко да се открие што е вистина, а што не. Никој нема доверба во владата“.

Не стивнуваат жестоките реакции во светот после објавата на Путин дека во Русија ќе има делумна мобилизација со цел да зголеми бројот на војници во агресијата во Украина.

Путин вчера објави делумна мобилизација во земјата со цел да се зголеми бројот на војници во војната во Украина.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека делумната мобилизација се однесува на лица со воено искуство и рече дека ќе бидат повикани 300.000 резервисти.

Извор: frontline.mk