Во синоќешниот напад во Истанбул загинаа најмалку 38 лица, а 155 се повредени. Целта биле полицајците што ја чувале безбедноста на стадионот за време на натпреварот Бешикташ и Бурсаспор. Меѓу загинатите се 30 полицајци, а другите биле вработени во клубот, вклучувајќи и член на Управниот одбор.
Во Турција денеска е прогласен ден на жалост. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја откажа посетата на Киргистан, каде што требаше да тргне денеска.
Премиерот Бинали Јилдирим нареди знамињата да се спуштат на половина копје во знак на почит кон жртвите. Министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, објави дека 13 лица се ставени во притвор бидејќи се поврзани со нападот, за кој сè уште никој не ја презеде одговорноста, но зад него, како што рече заменик-премиерот Нуман Куртумлус, би можела да стои Курдистанската работничка партија (ПКК).
Според министерот Сојлу, првата бомба била активирана со далечински управувач, а се наоѓала во автомобил. Набргу потоа, бомбаш-самоубиец активирал и друга бомба во паркот Мачка.




