Демонстрациите против анти-ковид мерките кои денеска се одржуваа во белгиската метропола Брисел, прераснаа во немири во кои демонстрантите кршеа и палеа се што ќе им се најде на патот.

Нема извештаи за повредени учесници во демонстрациите или на страната на полицијата, но снимките од теренот говорат за енормно насилство и изблив на гнев. Демонстрантите фрлаа со секакви предмети кон полицијата, која пак возврати со солзавец и водени топови.

Истовремено тие извикуваа „Слобода, слобода, слобода“, „ Бела чао“, „ Заедно за Слобода“.

Како што пренесуваат странските агенции, дел од луѓето кои протестирале изјавиле дека се тука зашто не сакаат да се вакцинираат и не сакаат да им се делат совети за вакцинирање.