Јапонска телевизија објави видео снимка од безбедносна камера на која се гледа моментот кога полубратото на севернокорејскиот лидер Ким Јонг ун, Ким јонг нам е нападнат на меѓународниот аеродром Куала Лумпур.
Дипломатски тензии
Малезија го отповика својот амбасадор во Северна Кореја во време на тензии меѓу двете земји по смртта на Ким Јонг нам, полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг ун, за кого има сомнение дека е отруен на аеродром во Куала Лумпур, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на оваа земја.
Во соопштението се наведува дека амбасадорот е повлечен на консултации.
Од друга страна Министерството наведува дека амбасадорот на Северна Кореја во Куала Лумпур е повикан да објасни во врска со обвинувањата кои ги изнесе на сметка на малезиската влада. Тој рече дека е можно Малезија да се обидува да прикрие нешто, како и дека обдукција врз Ким Јонг нам е спроведена „еднострано и без наше присуство“.
Во соопштението, обвинувањата од севернокорејскиот амбасадор во Куала Лумпур се нарекуваат „неосновани“ и се нагласува дека смртта на полубратот на лидерот на Северна Кореја се случила на тло на Малезија под „мистериозни околности“ и дека одговорност на малезиската влада е да спроведе истрага и да ја утврди причоината за смртта.
Дипломатскиот судир меѓу двете земји изби откако малезиската полиција ги отфрли барањата на севернокорејските дипломати да го предаде телото на Ким Јонг нам за кого има сомнение дека е отруен на меѓународниот аеродром во Куала Лумпур.
Осомничените побегнале преку Дубаи
Најмалку тројца од четворицата севернокорејски државјани за кои се трага за убиството на Ким Јонг нам си заминале со лет од Џакарта за Дубаи истата вечер кога е извршен нападот, изјави претставник на Индонезија кој работи за имиграциската служба.
Тројцата осомничени, со летот во 22.20 часот по локално време ноќта на убиството, со лет на емиратската компанија отпатувале за Дубаи додека судбината на четвртиот не е позната, ја објави изјавата агенцијата Ројтерс.
Малезиските дневни весници објавуваат дека четворицата осомничени побегнале за Пјонгјанг преку Џакарта, Дубаи и Владивосток.
Резултатите од аутопсијата задутре
Резултатите од аутопсијата на братот на севернокорејскиот лидер би можеле да бидат објавени задутре, соопшти малезискиот министер за здравство Субаманиам Сатасивам.
Малезиските власти на роднина на починатиот им дале рок од две недели да дојдат и да помогнат во истрагата на убиството.
Функционери на Северна Кореја се обидоа да спречат аутопсија во Малезија, и бараа телото без одложување да им биде испорачано.




