Околу 15.000 луѓе протестираа против „азилантските измами“ во германскиот град Дрезден. Антиисламизациски протести се одржале и во Бон, Келн, Хановер, Касел и Кемниц.
Бројката на демонстранти секоја недела се зголемува од нивниот прв протест во октомври кога учестуваат неколку стотици луѓе.
„Нула толеранција за криминалните азиланти“, „Да ја заштитиме татковината“ и „Стоп за исламизацијата“, се дел од паролите кои ги носea демонстрантите.
– Муслиманите прават заговор да го инфицираат нашиот синџир на исхрана со нивниот измет, вели еден од учесниците, пренесува Гардијан. „Азилантите во Германија имаат скапи мобилни телефони, додека јас не можам да си дозволам таков луксуз, а други немаат ни што да јадат“, вели една жена.
Организаторите на настанот, организацијата „Патриотските Европејци против исламизацијата на Западот“ протестира поради плановите во источниот град Дрезден да се отворат уште 14 центри за околу 2.000 бегалци.
Порачуваат дека не сакаат азиланти.
– Сакаме да ги одржиме вредностите во нашата земја. Толку е страшно тоа? Дали тоа нè прави нацисти? Дали е криминал да се биде патриот?, изјавува друг демонстрант за Франс прес.
Од друга страна, во помал број се одржуваа и контра-протести. Околу 6.000 неистомисленици со ПЕГИДА порачуваат „Дрезден без нацисти“ и „Дрезден за сите“.
Канцеларката Меркел го осуди протестот против исламизацијата, предупредувајќи ги учесниците дека потклекнале пред ксенофобија.




