Либералната политика на Канцеларката Меркел кон мигрантите кои пристигнаа во Германија води кон невиден хаос во земјата, сметаат илјадниците демонстранти кои се собраа денеска во главниот плоштад во Келн, каде што пред една недела се случија сексуалните напади, грабежи и малтретирања врз стотина жени.
Антиисламскиот протест, што го организира организацијата, Патриотски Европејци против исламизацијата на Западот, Пегида, со бројни германски знамиња, но и британски, полски, унгарски и други, и со транспаренти на кои е испишано дека бегалците кои силуваат не се добредојдени, порача дека мигрантската политика на Германија мора да се промени.
Половина час пред почетокот на протестот, познатиот германски фото модел Мила Мор, со транспарент на кој пишуваше, Почитувајте не, ние не сме парче месо, дури и кога сме голи, во знак на протест против насилството врз нејзините сограѓанки, сосема гола, прошета пред Келнската катедрала.
На истиот плоштад на дочекот на Нова година се одвиваа грабежи и сексуално насилство, кое властите во Келн се обидоа во првиот момент да го минимизираат па дури и да го сокрија, но подоцна уследија повеќе од 200 тужби за сексуални напади, од кои две за силување.
Од вкупно 32 осомничени идентификувани од страна на полицијата во Келн, 22 се баратели на азил од северноафриканските и арапските земји, изјави германското министерство за внатрешни работи. Овој факт, како и дека силите за одржување на редот не дејствувале, а и поради сличните напади и во Хамбург, Штутгарт и Берлин, исто така, на новогодишната ноќ, се разгоре жестока полемика околу миграциската политика во Германија, којашто минатата 2015 година прими незепаметен број од 1,1 милиони баратели на азил.




