Грчкиот остров Алонисос го одбра Денот на вљубените за официјално да ја објави можноста за организирање на подводни венчавки, а за крајот на август веќе е закажана и првата таква, јави дописничката на МИА од Атина.
За промоција на поинаквата можност за стапување во брак, од општината објавија и видео под слоганот „Alonissos, I Love You Deeply!“, а меѓу нуркачите, како што пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, е и градоначалникот на островот Петрос Вафинис, кој веќе церемониите може да ги извршува и под вода.
Подводната венчавка на нашиот остров е одличен начин за размена на завети во текот на целата година и за двојката не се потребни посебни вештини и знаење, ниту неразумни трошоци. На Денот на вљубените ги покануваме сите заљубени да го доживеат подводното свадбено искуство на Алонисос и од тука да го започнат новиот живот, порача градоначалникот на островот, пренесе АНА-МПА.
Алонисос, заедно со Скиатос, Скопелос и Скирос се дел од Спорадските острови во Грција.




