Претседавачот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, денеска поднесе оставка од функцијата. Тој за НОВА ТВ ги објаснува причините зошто се повлекува од оваа позиција.
„Оставката ја поднесувам поради неможноста да остварам соработка со градоначалникот. Досега некако комунициравме, последните два месеца не комуницираме воопшто. Мислам дека е најдобро да се повлечам од функцијата и да дојде некој нов претседател на Советот, кој што можеби ќе оствари добра комуникација и соработка со градоначалникот“, вели Шиповиќ.
Од општина Центар за кусо соопштија дека за утре во 15 часот е закажана седница на која тој треба да ги образложи причините за оставката, а и да се почне процедурата за избор на нов претседавач на општинскиот Совет.
Шиповиќ ќе остане советник во општина Центар.