Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп преку видео порака на Јутјуб ги посочи приоритетите што ќе ги преземе во првите 100 дена од мандатот.
Тој наведе шест потези кои би ги презел, а меѓу нив најамбициозниот потег е повлекувањето на САД од Транспацифичко партнерство. кое според него е потенцијална катастрофа за земјата.
– Наместо тоа, ќе преговараме за фер, билатерални трговски договори кои носат работни места и ја враќаат индустрија назад кон американско тло, рече тој.
Претседателот во заминување Барак Обама ја договараше оваа спогодба потпишана во 2015 година со која се намалуваат даноците и се отстрануваат трговските бариери меѓу 12 земји.
Договорот се уште не е ратификуван, а кога би стапил на сила би покривал 40 проценти од светската економија
Јапонскиот премиер Шинзо Абе кој неодамна се сретна со Трамп во Њујорк по средбата изјави дека тој е лидер од доверба со кого може да се соработува. Тој беше првиот странски лидер кој се сретна со Трамп по неговата изборна победа.
Останатите мерки што тој ги наведе во видео пораката се:
-укинување на рестрикциите во производството на енергенси во САД што би требало да отворат нови работни места,
-укинување на прописите кои се однесуваат на претприемништво и воведување правила на секој нов пропис да се укинат два стари,
-наредба за истрага на злоупотреба на визите со кои се нанесува штета на американските работници,
-воведување петгодишна забрана за занимавање со лобистичка работа на сите кои напуштаат висока функција во државната служба.
Аналитичарите и бројните коментатори на социјалните мрежи истакнуваат дека она што Трамп не го споменал меѓу приоритетите се изградбата на ѕид кон Мексико и укинување на здравствениот план на Обама.




