Во 14 општини во Србија е прогласена вонредна состојба поради поплавите што изминатите денови ја зафатија оваа земја. Според официјалните податоци досега се поплавени над 700 куќи, а 118 луѓе се евакуирани.
На терен се претставници на локалните власти, секторот за вонредни состојби и припадници на војската, за да ги запрат надојдените реки кои ги зафатија патиштата, куќите, училиштата, фабриките и други објекти.
Според податоците на српското МВР, најзагрозени се општините Ивањица, Лучани, Горњи Милановац, Ариље, Бајина Башта, Пожега, Чајетина, Бујановац, Чачак, Нови пазар, Ужице и Краљево.
Водостојот моментално опаѓа, но нова опасност од поплави се очекува за в четврток, а врнежи ќе има се до 11 март. Најавите се дека во четврток ќе наврнат 30 литри дожд на метар квадратен, но поради топење на снегот можно е да се зголемат водотеците и да предизвикаат излевање.
Со големи поплави Србија се соочи во 2014 година, поради што граѓаните стравуваат дека оваа природна непогода може да се повтори.




