Една недела по нападите во Париз, терористичката организизација Исламска држава денес преку видео повторно и се закани на Франција и најавува атентати кои ќе бидат пострашни од оние на 11 септември во САД.
Во видеото кое носи наслов «Париз се урна» се гледа како Ајфеловата кула се урива и паѓа на земја. Сликите се извадени од филмот «Џ.АЈ. Џо: будењето на кобрата» од 2009 година. На видеото има и слики на француското бомбардирање во Сирија и слики од минатонеделниот атенат во Париз.
На видеото во еден момент се гледа и авион на француската компанија «Ер Франс». На крајот на снимката двајца луѓе велат дека ќе се случат «работи и ќе бидат полоши од 11 септември 2001 година во САД».
Едното лице го именува и претседателот Франсоа Оланд велејќи дека тој повеќе не е безбеден ни во својата сопствена држава.
Видеото трае 6 минути и беше објавено вчера на Твитер профилите на терористичката група.




