Пронајдени се остатоци од рускиот авион во близина на аеродромот ал-Ариш, а египетските власти веднаш испратиле 45 возила на итна помош на местото на несреќата. Преставник на службата за сигурност на Египет потврил дека авионот е сосема уништен, а најголемиот дел од патниците се мртви.
Нема информации дали е авионот урнат или станува збор за несреќа. Според руските медиуми, пред да исчезне од радарот, авионот барал да слета на најблискиот аеродром. Според контролата за летање во Каиро авионот бил на висина од 9000 метри, кога пилотот побарал да слета заради дефект на радио станицата. После тоа врската се изгубила.
Во авионот Ербас А320 на компанијата Когалмавиа, што летал од Шарм ел Шеик кон Санкт Петерсбург, имало 200 возрасни, 17 деца и седум членови на екипажот.
Еден египетски војник, кој дошол на местото на несреќата, изјавил за Ројтерс дека авионот е целосно уништен и дека се стравува оти нема преживеани.
Авионот се урнал во планинското подрачје во централен Синај, а лошите временски услови го отежнуваат пристигањето на спасувачките екипи на местото на несреќата.
Инаку, исламските милитанти се активни во делови од Синај.
Рускиот претседател Владимир Путин побарал од премиерот Дмитриј Медведев итно формирање на комисија која ќе ги истражи околностите што довеле до падот на леталото.




