Податоците од пилотската кабина на германскиот авионот кој во вторникот утрото се сруши врз француските Алпи покажуваат дека еден од пилотите излегол од кабината непосредно пред леталото да паѓа, меѓутоа не можел да се врати назад. Ова за „Њујорк тајмс“ го изјавил еден француските истражувачи кои работат на расчистување на случајот и кој имал можност да ги слушне снимките од црната кутија.
Авионот, Еирбас А320 летал на релацијата од Барселона, Шпанија до Дизелдроф, Германија кога во еден момент ја изгубил висината и удрил во Алпите при што загинаа 144 патници и шест членови на екипажот.
Висок воен функционер којшто е вклучен во истрагата објаснил дека првиот дел од летот бил рутински и опуштен, а потоа еден од пилотите излегол од кабината и не можел да се врати.
– Човек од надворешната страна на кабината полека тропа на вратата меѓутоа нема одговор. Потоа удира посилно, но ни тогаш нема одговор. Воопшто немало одговор, вели истражувачот додавајќи дека на снимките може да се чуе како некој пота се обидел да ја скрши вратата.

Како што пишуваат медиумите ова дополнително ја зголеми мистеријата околу падот на авионот, а истрагата во овој момент не знае дали од кабината излегол пилотот или копилотот. Чудно е што леталото на „Германвингс“ дури осум минути било во слободен пад а во тој период не стигнал ниту еден повик за помош од пилотската кабина. Британски авио-експерт за „Би-би-си“ изјави дека најверојатно пилотот бил во несвест и претпоставува дека до тоа дошло бидејќи во авионот одеднаш радикално се сменил воздушниот притисок.
Вчера француската полиција соопшти дека мали се шансите падот да бил резултат на тероризам, а „Луфтханза“, авио-гигантот кој стои зад компанијата „Германвингс“, првично соопшти дека станува збор за несреќа.

Францускиот весник „Ле монд“ опиша дека ударот бил толку силен што авионот бил раситнет на парчиња од конфети и затоа било многу тешко да се истражува несреќата. Странскиот печат се занимава со прашањата зошто авионот изгубил висина пред да се удри во Алпите и зошто тоа се случило и покрај фактот дека во вторникот наутро времето било идеално за летање.
Идентитетот на патниците се откри вчера и најголем дел од нив се Германци, меѓу кои и 16 средношколци кои биле во Барселона како дел од одредена програма за размена на ученици. Меѓу загинатите биле и двајца оперски пејачи коишто во Барселона изведувале опера на Вагнер, додека американските медиуми јавуваа дека најмалку двајца државјани на САД бил на авионот.
На овој лет имало патници и од Казакстан, Британија, Јапонија, Колумбија, Австралија, Холандија, Данска, Турција и од Израел.




