Бугарската централна изборна комисија најдоцна до 8ми април треба да ги објави добиените гласови и распределбата на местата меѓу партиите и коалициите во 45-тото национално собрание на Бугарија, а претседателот Румен Радев најдоцна до 4ти мај мора да го свика новоизбраното Национално собрание на своето прво заседание.

До тогаш владата на Бојко Борисов според одредбите во бугарскиот Устав ќе продолжи да ги извршува своите функции се до формирањето нов кабинет, без оглед дали тој е редовен или официјален. Претседателот на Бугарија почнува консултации со политичките партии и дава три мандати, во случајов еден на партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, еден на втората политичка сила „Има таков народ”, предводена од Славеј Трифунов, а третиот мандат го доделува по сопствен избор. Секоја од трите партии има една недела да предложи нацрт-влада во бугарскиот парламент, и во случај никој од нив да не успее, претседателот Радев мора да издаде две уредби, една да се назначи привремена влада, а друга да го распушти парламентот и да закаже нови парламентарни избори на датум одреден од него.

Премиерот Бојко Борисов во своето прво обраќање преку видео на фејсбук ги повика сите партии на создавање широка коалиција до декември која би се справила со пандемијата предизвикана од корона вирусот по што или ќе се формира новата коалиција или ќе бидат организирани нови избори.

„Јас ви нудам мир. Предлагам да донесеме експерти, да ангажираме луѓе, да преземеме одговорност и да сториме сè што можеме за да ја извадиме Бугарија од пандемијата до декември и да тргнеме напред“, рече Борисов во обраќањето по парламентарните избори.

Меѓувреме лидерката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова, изјави дека принципиелниот став на таа партија е против каква било коалиција со десничарската ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов…

„Ние нема да поддржиме ниту една влада предложена од ГЕРБ, било да е со или без Борисов, без разлика дали е составена од експерти или политичари“, истакна Нинова, во изјава за бугарските медиуми… БСП го освои третото место по партијата „Има и вакви луѓе“ на популарниот ТВ водител и пејач Славеј Трифонов која се најде на второто место.